Што правиме во областа на корупцијата?

Како дел од програмата на Владеење на правото која произлегува од Стратегијата 2018-2020, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија е посветен на борбата против корупцијата.

Корупцијата и судирот на интереси претставуваат феномени за кои во сите релевантни анализи се истакнува дека сѐ уште остануваат во значителна мера неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека борбата против корупцијата не дава задоволителни резултати. Уште повеќе, Република Македонија континуирано бележи значителен пад на ранг листата на индексот за перцепција на корупцијата.

Токму корупцијата во правосудната сфера особено загрижува имајќи го предвид посебното значење на правосудството за градењето на систем на владеење на правото, како и во фактичката борба против корупцијата на носителите на другите две власти. Воедно, зголеменото ниво на корупција влијае негативно врз ефективното уживање на загарантираните слободи и права на граѓаните и ја намалува нивната правна сигурност.

Комитетот ги презема следните дејствија во полето на борбата против корупцијата:

  • мониторинг на судските процеси за предмети кои инволвираат организиран криминал и корупција
  • пружање на соодветна правна помош на жртвите на коруптивни дејствија
  • лобирање во насока на поголема одговорност и транспарентност на сите институции, со посебен акцент на правосудните
  • Комитетот настојува да се влијае врз спречување и ставање крај на неказнивоста и да се овозможи кривична одговорност за сите оние кои лица кои преку нивните коруптивни дејствија влијаат врз загрозување на индивидуалните слободи и права и врз целосно уривање на системот на владеење на правото во државата.

Во склоп на лобирањето, Комитетот ја подготви Декларацијата против корупција, која беше промовирана на 22.12.2017 година. Декларацијата беше спремена по повод Меѓународниот ден против корупцијата, 9 декември, и Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември. Комитетот, поддржан од Амбасадата на САД и Програмата за развој на ОН (УНДП) организираше настан за промоција на Декларацијата и јавно потпишување на истата од страна на Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, Али Ахмети, претседател на ДУИ, Арбен Таравари, генерален секретар на Алијансата за Албанците и Петре Шилегов, во својство на претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) . По настанот, Декларацијата беше десиминирана до сите министерства и општини и истата е потпишана од страна на повеќето министри и градоначалници во РМ.