ЧПП

Што е www.prijavikorupcija.mk?

www.prijavikorupcija.mk е интернет платформа креирана како дел од проектните активности на Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, поддржана од страна на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје.

Цел

Основна цел на платформата е на граѓаните да им овозможи безбеден простор за пријавување на сите случаи кои содржат елементи на коруптивно кривично дело. Освен ова, платформата на корисниците им се овозможува да се информираат за корупцијата и нејзините елементи, да се информираат граѓаните за нивните права како жртви или сведоци на корупција, но и обврските за пријавување до надежните институции на коруптивните кривични дела. Дополнително, платформата нуди статистички анонимизирани информации за случаите кои се регистрирани од страна на Хелсиншкиот комитет, а се пријавени од страна на граѓаните (во делот Ресурси -> Извештаи). Овие информации и податоци за регистрираните случаи на корупција се поделени по општини, области и временски период во кој се случил самиот настан.

Како функционира www.prijavikorupcija.mk?

Овој портал функционира врз основа на пријава на граѓаните жртви или сведоци на корупција. Можете да пријавите на следните начини:

  • Со пополнување на образецот за пријавување во полето „Вклучи се”.
  • Преку е-пошта helkom@mhc.org.mk

По пријавувањето на еден од наведените начини, пријавата се разгледува од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. Секој случај за којшто ќе се утврдат елементи на коруптивно кривично дело, ќе биде процесуиран согласно законите до надлежните институции и постоечките заштитни механизми за борба против корупција.

Дали е задолжително да ги наведам моите лични податоци во пријавата?

НЕ! Образецот за пријавување може да се пополни и без лични податоци и во тој случај секоја пријава  за којашто ќе се утврдат елементи на коруптивно кривично дело, ќе биде поднесена како од анонимен извор. Доколку ги внесете Вашите лични податоци, Хелсиншкиот комитет може да ве контактира во текот на разгледувањето и проверката на пријавата. Пријавата ќе биде поднесена во Ваше име доколку сте согласни да ги искористиме Вашите лични податоци дадени во пријавата, откако ќе Ве исконтактираме.

Дали моето име ќе се појави на www.prijavikorupcija.mk?

НЕ! Доколку се одлучите да ги оставите своите лични податоци во делот од пријавата, тие ќе бидат искористени единствено за стручниот тим на Хелсиншкиот комитет да биде во можност да ве исконтактира доколку се потребни дополнителни информации, да ве известува за текот на постапката, како и да добие дозвола од вас за споделување на било какви лични податоци со надлежните институции.

Вашето име нема да биде изложено на јавниот дел од веб страната и никој надвор од тимот нема да има пристап до вашите податоци.

Како се појавуват и филтрираат пријавите на платформата www.prijavikorupcija.mk?

Откако тимот на Хелсиншкиот комитет ќе добие пријава, таа прво се обработува од страна на тимот,  а во случај да се утврдат коруптивни елементи, “јавните” аспекти од пријавата се прикачуваат на платформата и од нив се обработуваат статистички податоци кои се достапни за јавноста. При објавување, сите лични податоци и сензитивни информации остануваат доверливи и не се објавуваат на платформата.