Како корупцијата те засега тебе?

Корупцијата нѐ засега сите и влијае на општеството на повеќе начини.  Таа најчесто делува на човековите слободи и права, здравјето и материјалната состојба, а во најлош случај може да чини и нечиј живот. Ефектите од корупцијата се категоризираат главно во четири групи: политички, економски, општествени и еколошки ефекти.

На политичко ниво, корупцијата претставува главна пречка за  демократското  владеење на правото. Доколку авторитетите и институциите во еден демократски систем се злоупотребуваат и се користат за личен интерес, тие го губат својот легитимитет. Оваа состојба е штетна, особено за новите демократии, бидејќи е невозможно да се развие едно отчетно политичко лидерство во корумпирани услови.

Од економски аспект, корупцијата го исцрпува државниот буџет, бидејќи јавните ресурси се искористуваат за лични интереси наместо за напредокот на заедницата. Па така, наместо за изградба на битна инфраструктура – како што се училишта, болници и патишта – и  обезбедување на сигурност и благосостојба на граѓаните, јавните средства се пренаменуваат на високопрофилни проекти кои се во корист на корумпираните структури, а не на населението кое има најголема потреба од нив. Корупцијата исто така го спречува развојот на фер-услови на пазарот и на фер-конкуренција и на тој начин одвраќа инвестиции од едно општество и преставува пречка во трговските односи. Но најзагрижувачко е тоа што корупцијата е директно поврзана со зголемување на сиромаштијата во едно општество и со нееднаквоста на личните примања на граѓаните.

Корупцијата го ‘рѓосува и општественото јадро на заедницата и ја поткопува вербата на луѓето во политичкиот систем, во институциите и во луѓето кои ги претставуваат. Сето ова предизвикува апатичност и скептичност кај луѓето, што претставува дополнителна пречка во борбата против корупцијата.

Конечно, еден корумпиран систем води кон еколошка деградација на средината, затоа што ваквиот систем има недостаток на еколошки регулативи и закони кои ги заштитуваат природните ресурси на земјата. Па така, тие се експлоатираат безгрижно и се разорува целокупниот еколошки систем. Многу претпријатија ги подмитуваат властите за да добијат непречен пристап до уништување на природата, почнувајќи од минирање за рудно богатство и дрвосечење, па сѐ до емисија на токсичен материјал.

 

Влијание на корупцијата врз човековите права

Корупцијата негативно влијае на уживањето на човековите права – граѓанските, политичките, економските, социјалните и културните. Таа исто така влијае и на правото на развој на еден човек, коешто пак, ја нагласува неделивата и меѓузависната природа на човековите права. Влијанието врз остварувањето на човековите права зависи од распространетоста и различните форми на корупцијата. Корупцијата може да дејствува како пречка за остварување на човековите права, воопшто и како кршење на човековите права во конкретни случаи.

Корупцијата влијае на способноста на државата да ги заштитува човековите права и да ги исполнува своите обврски, особено за обезбедување функционално судство и полиција, здравство, образование и социјални услуги.

Лицата со попреченост и ранливите категории на луѓе несразмерно се засегнати од корупција. Тие често зависат од користење на јавните услуги и на јавните добра и имаат ограничени или никакви средства за алтернативни приватни услуги. Вообичаено, обесправените сектори на општеството имаат помалку можности значајно да учествуваат во создавањето и спроведувањето на јавните политики и програми.

Во однос на жените, направените истражувања[1] го потенцираат влијанието на корупцијата врз родовите односи и родовата еднаквост, како што е пристапот до јавни услуги и ресурси, специфичната ранливост на сексуалното изнудување на поткуп и влијанието на корупцијата врз ограничување на пристапот на жените до пазарот на трудот. Корупцијата ја зајакнува маргинализацијата во економскиот живот.

Мерките за успешна борба против корупцијата треба првенствено да ја дефинираат како системски проблем, а не како индивидуален проблем на поединци. Борбата против корупција од перспектива на заштита на човековите права бара сеопфатна стратегија која ќе промовира ефективни институции, соодветно законодавство, соодветно управување и учество на сите засегнати страни.

Човековите права како што се правото на информираност, правото на изразување и собир, независното судство и  учество на јавноста во одлуките на власта, се инструментални во борбата против корупција.

 

 

[1] UNDP и UNIFEM, Корупција, отчетност и родот: разбирање на поврзаноста, 2010; Transparency International, Род и корупција: разбирање и уништување на врските, 2007.