Што е корупција?

Корупција претставува искористување на функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за остварување на каква и да било корист за себе или за друг. Корупцијата се манифестира низ разни форми: поткупување, изнуда, протекции, непотизам, покровителство и проневера на пари. Последиците од корупцијата се многустрани. Таа негативно влијае врз владеењето на правото, еднаквиот пристап до јавните служби, на довербата на јавноста во државните институции и е пречка за економски и социјален развој. Корупцијата е најзастапена во : јавната администрација, образованието, здравството, полицијата, правдата и приватниот сектор.

Примери за јавни ресурси :

  • Пари, добра, возила, објекти и други ресурси кои се во сопственост на државата
  • Средства од областа на пензиско и здравствено осигурување

Примери на корупција :

  • Злоупотреба на службена положба – Службено лице со цел да прибави определена противправна имотна корист или да наштети на друг,  не извршува дејствие, кое е должно да го изврши.
  • Злоупотреба на јавен имот и/или јавни средства – Употреба на јавни средства, како моторни возила, за приватни потреби.
  • Примање поткуп – Полициски службеник бара поткуп(подарок или друга корист) за да не изрече парична глоба на сторител на сообраќаен прекршок.
  • Давање поткуп – Физичко лице нуди поткуп(подарок или друга корист) на царински службеник со цел да пренесе алкохол преку граничен премин, во количина поголема од дозволената.
  • Непотизам – Службено лице ја искористува својата положба за да вработи или унапреди член на неговото семејство или нему блиско лице.